Петар Печков
Објавено: сабота, 14 јуни 2025
За големите луѓе и малку зборови се многу, за малите луѓе и многу зборови се малку, кажа во инспиративната беседа за Рацин Венко Андоновски, на 62 Рацинови средби. Таа траеше 20 минути а аплаузот потоа долго одекнуваше во салата на велешки театар. Тој откри дека ретко му се случува, но му се случува, кај некои писатели, при секое читање, да открива нови моменти.
Таков бил случајот со Достоевски, кај Кафка, но и кај Рацин. Подготвувајќи се за тритомникот за Рацин, читајќи ја неговата поезија Андоновски сфатил дека Македонците се мајстори да се самопремолчат.
„Мораме да кажеме дека Рацин е македонскиот Бертол Брехт, зошто се срамиме од тоа. Рацин допрва ќе се чита, го читавме во тесни македонски рамки и бевме збунети. Кога ќе го поставите во Европски контекст, сфаќаме дека во Рацин имаме непозната планета, човек кој ја бара смислата. Како да се плашиме да сфатиме дека имаме светска величина. Неговата поезија е премногу стеснета на социјална лирика, аргати, експлоатација, што е и така. Но тој е многу поширок во бунтот. Неговиот бунт што човек на човека му ја пие крвата, не е бунт само против сиромаштијата и екслоатацијата. Неговиот бунт е поради тоа што светот молчи, пред неправди, пред ужаси, светот легализира општество каде човек на човека му ја пие крвта. Рацин се бунтува за светот кој молчи“ – рече Венко Андоновски.
Тој го посочи примерот со љубовните писма и недопишаниот роман на Рацин, како пример за создавање на соодветен книжевен жанр, кој го немало во Македонија во 19 век, кога бил присутен на Балканот.
„Неговите љубовни писма до Раца, се надомест за нешто што го немавме во 19 век а требаше да го имаме, тоа е љубовната романтичарска лирика. Во соседството тоа го имавме, кај нас не. Дописните картички кон Раца вријат од романтичарска и тука го гледам тоа надополнување на таа празна врата од 19 век. Рацин пробал да напише роман, затоа што и него го немаме во 19 век а сите регуларни книжевности го имале. Рацин е и авангарден, оти ја бара смислата во тогаш актуелните програми за преобразба на светот а секој поет бара подобар свет, барем вербализрано. Смислата на тој свет не е само да победи комунизмот, туку човечкото во човекот. И да дојде праведен систем, но ако не сме одвнатре луѓе, тој систем повторно ќе создаде лош свет, против кој повторно ќе се буниме. Ми се чини како Рацин да е жив, како ноќе да ги допишува своите дела“ – кажа Андоновски.
62 Рацинови средби продолжуваат денес сабота кога ќе биде промовирано тритомното издание „Рацин“. Автори се Венко Андоновски – првиот том за поезијата на Рацин, за проза и публицистика, том два проф.д-р Искра Тасевска- Бошкова и третиот том за живописот на Рацин проф.д-р Весна Мојсова- Чепишевска. Промотор ќе биде академик Катица Ќулавков која е и главен стручен редактор.
Во амфитеатарот од Младински парк од 20,30 ч. е меѓународниот поетски митинг со 15 учесници од Албанија, Бугарија, Србија и Македонија. По него ќе биде врачено Почесното Рациново признание на проф. д-р Намита Субиото од Република Словенија, вонреден професор по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Словенија. Таа ќе го добие признанието за ширење на македонската литература и култура во странство.