Петар Печков
Објавено: четврток, 29 мај 2025
Волонтерите од подмладокот на Општинската организација на Црвен крст Велес, работата на пет проекти, годинава во рамките на програмата Црвен крст во акција „Промоција на хумани вредности“ - национална програма која се работи повеќе од 20 години.
Првата група работи на реализација проект за помош на згрижувачко семејство. По консултација со Центарот за социјални работи, избрано беше семејството Реџеповски, кое веќе се грижи за две деца и има желба да згрижи уште две, но нема соодветни услови. Целта на проектот беше уредување на детска соба на вториот кат од нивната куќа. За прибирање средства беа организирани бројни активности: работилници и штандови со рачни изработки за 1 и 8 Март, турнир во одбојка, gaming натпревар, штандови со освежување и финална забава во кафе бар. Благодарение на ангажманот на волонтерите и поддршката од заедницата, беа собрани доволно средства за комплетно уредување на собата со нов мебел и подови. Проектот резултираше со топол и функционален простор, подготвен да пречека уште две деца во грижливо и безбедно опкружување – вистински доказ дека младите можат да направат конкретна промена во заедницата.
Втората група работеше да обезбеди специјализирани алатки и терапевтски помагала на дете со аутизам, кои ќе му помогнат да се развива, да комуницира поефективно и полесно да се вклучи во образовниот и социјалниот живот. Детето потешко го изразува своето мислење и потреби, што создава пречки во секојдневната комуникација и го ограничува неговото учество во училишни активности и во односите со врсниците. Недостатокот на соодветна поддршка доведува до социјално повлекување и чувство на изолација. Семејството живее со еден минимален приход кој едвај ги покрива основните животни трошоци, па не може да си дозволи скапи алатки, помагала и приватни терапии што се неопходни за напредокот на детето. Покрај финансиската тежина, семејството се соочува и со емоционален притисок, чувство на вина и изолација од околината поради недостиг на разбирање и поддршка. Целта на овој проект е да се соберат донации и да се обезбедат соодветни развојни помагала и поддршка за детето со аутизам. Со оваа иницијатива сакаме да се намали товарот врз семејството, да се овозможи подобар развој и квалитет на живот за детето, како и поголема вклученост во општеството.
Третата група работи на обезебдување на потребна орпема на Детското одделенеи од Велешка болница. Таму постои сериозен проблем со недостаток на современа медицинска опрема, што директно влијае врз квалитетот на здравствената грижа за децата. Соодветната опрема е од клучно значење за точна дијагноза, навремен третман и ефикасно следење на здравствената состојба на младите пациенти. Овој проблем произлегува од неколку фактори: ограничен буџет во здравствениот систем, што го отежнува набавувањето на нова опрема; застареност и нефункционалност на постоечките апарати; како и недоволно инвестирање во помали болници како онаа во Велес при распределба на ресурси на национално ниво.Последиците се значајни: се намалува квалитетот на здравствената нега, се зголемува ризикот од грешки во дијагностицирање и лекување, а времето на опоравување на пациентите се продолжува. Целта на проектот беше да се обезбеди неопходната медицинска опрема за Детското одделение, со што ќе се подобри безбедноста, ефикасноста и правичноста во здравствената услуга. Со реализација на оваа иницијатива, ќе се придонесе за подобри услови за работа на медицинскиот персонал и ќе се обезбеди подобро и подостапно лекување за сите деца во регионот. Како конкретен резултат од проектот, беше набавен аспиратор за секрет – уред кој игра клучна улога во третманот на респираторни проблеми кај децата. Со оваа набавка, се направи важен чекор кон подобрување на условите за лекување и здравствена заштита на најмладите пациенти.
Групата четири работи на еколошка активност. Низ тимска работа се оформи конкретен план: создавање еко катче, во комбинација со информирање и активирање на заедницата. Преку успешна соработка со Општина Велес, добивме поддршка и насоки, а потоа организиравме неколку активности: два информативни штандови со флаери, домашно приготвена храна и позитивна енергија; засадување дрвја на Костурница како симбол на надеж и одржливост; учество во државната акција „Генералка викенд“ за чистење јавни површини; како и серија креативни работилници каде изработивме клупи и украси од палети. Секој дел од процесот ни помогна да растеме како тим, да научиме нови вештини и да ја почувствуваме моќта на заедничкото делување. Завршната фаза беше највозбудлива – уредување на просторот, поставување на клупите и финализирање на нашето еко катче. Со оваа иницијатива, покажавме дека младите можат да бидат двигатели на промени. Паркот доби нова зелена зона, но најважно – се роди заедничко чувство на одговорност, надеж и ангажираност. Нашиот проект не беше само обврска, туку животно искуство – доказ дека кога сме заедно, можеме да направиме разлика.
Група пет реализираше проект што ќе поттикне интеркултурна соработка. Одлучивме да работиме со ученици од едно велешко училиште, со цел да ја намалиме дистанцата меѓу македонските и албанските паралелки. По разговори со ученици и поддршка од дисеминаторот, започнавме со работилници што вклучуваа запознавање, размена на културни вредности, игри и учење јазични изрази. Работилниците беа успешно прифатени – учениците комуницираа, соработуваа и почнаа да ја доживуваат различноста како предност. Училиштето ни даде силна поддршка, а на крајот учениците самите иницираа идеја за заеднички културен ден. Овој проект покажа дека преку отворен дијалог и заеднички активности, можеме да изградиме мостови на разбирање и пријателство меѓу младите од различни етнички заедници.