Вечерва КМФ Кеги моби игра за Купот во футсал, во финалето противник му е КМФ Проект

Петар Печков

Вечерва во Гевгелија од 20,30 ч. во салата 26 април се игра финалето во футсал Купот. Игра велешки КМФ Кеги моби и КМФ Проект од Јософово, новиот првак оваа сезона 2025/26 година.  

Капитенот на КМФ Кеги Моби, Трајче Трајков е јасен во пресрет на финалето.

„Нашата цел е победа и освојување на Куп пехарот. Знаеме дека нема да биде воопшто лесно, но ова е финале и ќе се бориме 40 минути за победа. Двапати загубивме од КМГ Проект во првенството, тие имаат млади и квалитетни играчи, но верувам дека нашето искуство ќе дојде до израз. Очекувам да одиграме паметно и на крајот да се радуваме на пехарот“ -кажа Трајков.

Тренерот на КМФ Проект, Игор Димов, со внимателен оптимизам го најави финалето.

„Не се гледаме како фаворити, бидејќи Кеги е навистина квалитетна и искусна екипа. Нашите меѓусебни натпревари оваа сезона покажаа дека разликите се мали – и тие две победи не беа воопшто лесни. Очекувам цврст и борбен натпревар, во кој ќе одлучуваат детали. Ние сме оптимисти, атмосферата во тимот е одлична и постои голема желба за успех. Работевме добро во изминатиот период и подготвени го дочекуваме финалето. Дополнително, важно е што немаме повредени играчи и ќе можеме да сметаме на комплетен состав. Верувам дека ако одиграме дисциплинирано и паметно, ќе имаме свои шанси да стигнеме до посакуваниот трофеј“ – рече Димов. 

Тренерот на КМФ Кеги Моби, Панче Нанев, со почит кон противникот и оптимизам го најави финалето.

„Финалето е предизвик за секоја екипа. Работевме напорно во текот на целата сезона и задоволни сме од второто место во првенството. За нас би било голема работа доколку успееме да го освоиме Куп пехарот. Противникот е одлична екипа, млади, уиграни и веќе двапати се сретнавме сезонава. Но, ова е еден натпревар и се може да се случи. Секако дека сме оптимисти и веруваме во нашите можности“ - изјави Нанев.

Минатогодишен победник на Купот е екипата на КМФ Форца.

Купот во футсал во два наврати беше освоен од екипа од Велес. Во 2011 од КМФ Дени комерц и во 2017 КМФ Велес. 

Овој натпревар е последна надеж за екипниот велешки спорт да освои титула во градот, откако одбојкарите не успеаја во финалето и за првак и за Куп.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали сте за враќање на платениот паркинг во Велес, за надминување на проблемот со паркирањето?

  • да
  • не
Резултати