Петар Печков
Објавено: четврток, 11 декември 2025
Два дена по ред воздухот во Велес е со концентрации на ПМ10 честички над 100 мг/м3. Според мерните инструменти на Министерството за животна средина на мерното место Велес2, лоцирано во дворот на Детската градинка во населба Тунел, вчера, среда биле измерени средно дневни од 128 мг/м3 а во вторникот 112 мг/м3. Досега годинава од 344 дена во 62 било констатирано поголема вредност од дозволената 50 мг/м3. Дозволен број денови за Велес е 39.
Временските услови месецов, кога во Велес се јавува загадување се ниски утрински тепмератури и позитивни денски со сонце. Така метеоролозите велат ќе биде во следните десетина дена, кога се очекува и загадувањето на воздухот да продолжи. Тоа се јавува во попладневниге и вечерни часови.
Според македонското законодавство, Законот за квалитет на мабиентниот воздух, во случај на надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10, два последователни дена со среднодневни концентрации над 100 mg/m3, локалната власт е обврзана да даде препораки за населението.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје ги даваат следните препораки: Ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот. Да се користи јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, правилно да се користат печките за дрва.
