Петар Печков
Објавено: четврток, 26 ноември 2009
- Ваква гужва не сме виделе уште кога после војната во 46-тата се делеа купони за храна. За жал се вратија тие купонски времиња. Што бараат да ја смениме личната карта кога МВР не е организирана. Со еден комјпутер може ли да се задоволат барањата на повеќе стотина граѓани секој ден. И да работат ефективно може ли на секој 2-3 минути да завршат со секое лице поединечно. Технички не е можно а не практично – велат револтирано велешани. Посочуваат дека компјутерот повеќе ,,паѓал,, и одмарал отколку што бил во фукнција. Се жалат дека губеле по цел ден чекајќи ред, но и тогаш не завршувале работа, знаеле да слушнат „дојдете утре“.
- Како да дојдам утре, кога сум од Богомила, кој ќе плати за оваа моја изнудена прошетка. Срамота е ова што се случува, чекаме со саати а неизвесно е дека денес ќе завршиме работа. Во село сум оставил земјоделски работи, наместо тоа јас чекам да бидам сликан за лична карта – вели жител од реонот на Азот. Тој заедно со жителите од општина Чашка и Градско мора да дојдат во Велес за да ја завршат оваа процедура што им создава дополнителни трошоци. Според граѓаните кои чекаат трпеливо во ред, едвај 30-тина од десет пати повеќето успешно завршуваат со процедурата. Гужвите во одделението за издавање на лични карти ги чувствуваат и лицата кои вадат патни исправи и возачки дозволи. Тие не можат да влезат во канцелариите кои се заедничии, од страв на останатите дека се ,, шверцуваат,, . Иако од СВР Велес како решение за избегнување на гужвите, пред недела дена најавија дека ќе започнат со сменска работа, тоа се уште не е случено. Затоа најавуваат дека во сабота ќе работат само за старите, изнемоштени и болни лица.
