Што констатирала ревизијата за работењето на Општина Чашка во 2017-та година

Петар Печков

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи  на Општина Чашка. Ревизијата изразила негативно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2017-та  година, и негативно мислење за прашањата во врска со усогласеност на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива.

Во резимето од ревизијата на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност кај Општина Чашка, за 2017 година, е констатирано следното:

се води регистар на недвижен имот, во кој се вклучени само објектите, а не и земјиштето, во сопственост на правни и физички лица (даночни обврзници).

состојбата на побарувањата за данок на имот не се прикажани во финансиските извештаи и во годишниот извештај, а состојбата на  побарувањата за комунална такса не се прикажани во финансиските извештаи и не се реално прикажани во годишниот извештај.

општината не преземала мерки за наплата на побарувањата по основ на данок на имот и комунална такса, поради што дел од побарувањата се застарени и нема можност за наплата.

ревизијата утврди непресметан данок на имот за правен субјект при промена на сопственоста, неевидентирани побарувања по основ на данок на промет на правни субјекти во даночната евиденција, како и неизвршена проценка согласно член 5, став1 од Законот за данок на имот; 

не е воспоставен систем за задолжување со данок на имот за легализираните бесправно изградени објекти.

Во ревизорскиот извештај пишува дека Општина Чашка нема изготвено и доставено Годишен извештај за 2017 година за користење на средствата од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Ревизијата укажува дека согласно Законот за даноци на имот, земјоделското земјиште кое се користи за земјоделско производство не подлежи на данок на имот, додека земјоделско земјиште кое не се користи, со данок на имот се оданочува три до пет пати повисоко во однос на пропишаната стапка за данок на имот. Поради непостоење на ваков регистар не може да се направи анализа и проверка со цел да се утврди дали  одредено земјиште треба да е предмет на оданочување.

Ревизијата утврди дека општината во изминатиот период не преземала мерки за наплата на побарувањата  по основ на данок на имот, на ревизијата не и е презентиран доказ дека се врши ажурирање на базата со податоците од Централен регистар поради што постои ризик од нецелосност на базата за утврдување на комунална такса за фирма.

По планот за јавни набавки во 2017 година реализација има само еден договор поради што постои тренд на набавки без спроведени постапки за јавни набавки.

Не е приложена соодветна поткрепувачка документација при исплатата на средства кај одделни видови на расходи, како што се: расходи за потрошено гориво, поправки на возила, расходи за други материјали правни услуги, други договорни услуги, консултантски услуги, други трансфери.

Исплатени се средства за привремено ангажирани лица за вршење на административни работи, чиј број го надминува и бројот на редовно вработените во општината, без да се направи анализа врз основа на која ќе се утврди реалната потреба од нивно ангажирање.

Исплатени се средства за адвокатски услуги без да се утврди потребата од ангажирање на адвокат со паушал од 161 илјади денари месечно во континуитет 3 години, како и без да се достави доказ за извршена услуга.

Во деловните книги не е евидентиран недвижниот имот (земјиште и згради) добиен по решенијата за пренесување на право на сопственост на недвижен имот од РМ на Општина Чашка, Богомила и Извор врз основа на спроведен делбен биланс. во деловните книги на Општина Чашка како недвижен имот е евидентирана само општинската зграда, хотел Врановци и Здружен дом Богомила.

За горива и масла во износ од 942 илјади денари не ни беше презентиран доказ дека се пополнуваат налози за користење на службените возила и со ревизијата утврдивме дека во ист ден со една верна картичка за исто возило е точено различен тип гориво. 

За поправки на возила во износ од 101 илјади денари, исплатени се средства по фактури без испратница/работен налог, ниту пак е наведено за кое возило е извршена поправката.

Исплатени по основ на склучени договори на дело со повеќе лица во износ од 532 илјади денари за извршување на различни активности, чистење на снег, градежни работи, чистење на одрони, монтирање на прозорци и врати за кои не е приложен доказ за извршена услуга 

За репрезентација во износ од 732 илјада денари, за кои дел од фактурите не се поткрепени со спецификации за направените расходи.

Со ревизијата се констатира дека бројот на привремено ангажираните работници е поголем од бројот на редовно вработените во општината, односно вработени се 17 лица, а привремено ангажирани се 45 лица.

Вo  текот на 2017 година направени се расходи во износ од 1.774 милиони денари за правни услуги по добиени месечни фактури врз основ на склучен договор со адвокат кои претставуваат 4% од вкупниот буџет на општината. Со договорот е уредено дека вкупна цена за вршење на адвокатски услуги е со месечен паушал, а за правни услуги извршени од адвокатот во континуитет од 2015 година за трите години исплатени се средства во вкупен износ од 5.584 милиони  денари. Pасходите за правни услуги по добиени фактури се признаени без потпис од градоначалникот, а за исплатата на месечниот паушал нема поткрепувачка документација како доказ дека е извршена некаква услуга, односно вршителот на адвокатските услуги до крајот на неговиот ангажман октомври 2017 година нема доставено до општината писмен доказ за извршена услуга; по завршување на договорот во ноември 2017 година доставен е извештај со наведени 6 предмети по кои адвокатот постапувал, без да се наведе хронологија на постапката со детали околу активноста и ангажманот на адвокатот, поради што ревизијата не можеше да се увери во основот за исплата на месечен паушал.

Во текот на 2017 година исплатени се средства во износ од 1.085 милион денари за кои ревизијата не обезбеди доказ дека се извршени услуги. Со увид во документацијата ревизијата го утврди следното:во Општина Чашка во 2017 година, во период од јануари до октомври, преку авторска агенција ангажиран е советник за односи со јавност со месечен надоместок во износ од 75 илјади денари. Советник за јавност, преку авторска агенција, во општината се ангажира во континуитет од септември 2015 со месечен паушал од 75 илјади денари за што во 2015 и 2016 година се исплатени средства во износ од 1.200  милион денари, а во 2017 година исплатени се средства во износ од 450 илјади денари од ставката     консултантски     услуги   по    програмата општинска администрација. Фактурите по кои е извршена исплата се копии, истите не се соодветно одобрени од страна на градоначалникот, и не се поткрепени со поткрепувачка документација за реализација на одредени активности поради што ревизијата не можеше да се увери дека е реализирана некаква услуга, и не можеше да се увери дека станува збор за веродостоен документ.

За медиумско претставување на Општина Чашка, исплатени се средства во износ од 270 илјади денари, врз основа на два склучени договори за деловна соработка, кои го покриваат периодот јануари­ октомври 2017 година. Предметот на договорот опфаќа фото и видео материјал, рекламен материјал, линк конекции и фотографии со назив и форма определени од нарачателот на web порталот на извршителот на услугата. Признаените обврски по фактури во сметководствената евиденција се копии, поради што не може да се увериме дека претставуваат веродостоен документ, истите не се одобрени од градоначалникот и се без прилог документација со што би се потврдила извршената работа за фактурираниот износ.

Општината има склучено договор со мобилен оператор за користење на мобилни телекомуникациски услуги, со месечна претплата на минимум 85 телефонски броеви (за вработените во општината, привремено вработените, претседателот и членовите на советот на општината), што е за 19 броја повеќе од реално потребните; со член 2 од решението за користење на службени мобилни телефони на вработени лица во Општина Чашка, уредено е на кои лица им следат мобилни телефони со сим телефонски картици со претплатнички броеви по тарифен модел, а со кое 19 службени мобилни телефони и телефонски броеви се доделени на градоначалникот на Општина Чашка и дозволен месечен лимит од 550 денари со вклучен ДДВ. Со тоа направени се повеќе расходи по основ на мобилна телефонија во однос на реално потребните за износ од 125 илјади денари. 

Ревизијата има обврска да обелодени дека, на 11.01.2019 година од страна на Основното јавно обвинителство на РМ до Општина Чашка е поднесено е барање за доставување податоци за реконструкцијата на делница од локален пат с. Мокрени- м.в Теовски уши. Барањето се однесува на постапката за јавна набавка, времените и завршните ситуации, фактурите изготвени од страна на изведувачот на работите, изводите на општина Чашка кога се префрлени средствата на општината од средствата наменети за реконструкција на патна делница од Агенцијата, кога е вршена исплата на договорот, вклучително и трошоците за извршител и адвокат.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати