Четири години затвор за турски бизнисмен кој во Македонија затаил данок од 5,1 милион денари

Петар Печков

Турскиот државјанин  Мурат Шимшек и неговата фирма ,,Шимшек  Јун Санаи,,   ДООЕЛ  Велес  се прогласени за виновни  за  Даночно затајување, по што Шимшек доби казна затвор од четири години, додека заедно со неговата фирма треба солидарно  на државата да и вратат 5,1 милион денари во рок од три месеци по правосилноста.

Ова е пресуда на Основен суд Велес со која Шимшек треба да плати парична казна од две илјади евра  додека фирмата 200 илјади денари. На Шимшек му се судеше во отстуство, оти не е достапен за судот а тој и неговата фирма работеле со откуп на пластична амбалажа.

Според обвинението, за период од четири години,  за 2009, 2010, 2011 и 2012 година, Шимшек  како одговорно лице-управител на ,,Шимшек  Јун Санаи ДООЕЛ Велес, со намера да одбегне делумно плаќање на данок на добивка на што е обврзано со Законот за данок на добивка, а тој лично да одбегне делумно плаќање на персонален данок од доход, на што е обврзан со Законот за персонален данок од доход, дал лажни податоци за приходите на правното лице но и за себе. 

Во билансите на приходи и расходи за овој временски период биле прикажани материјални трошоци за кои немало соодветна документација, а паричните средства биле подигнати од сметката на правното лице за кои треба да се пресмета персонален данок на доход, затоа што истите се сметаат како лични примања а од друга страна не пресметал и не пријавил и данок на добивка за временскиот период од 2009 до 2012 година со што биле затаени даночни обврски во износ од 1.748.151,00 денари за 2009 година, 1.049.758,00 денари за 2010 година, 1.542.299,00 денари за 2011 година и 776.367,00 денари за 2012 година, или вкупно 5,11 милион денари. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати