Седумте чуда на природата во Азија (фото)

Петар Печков

Шесте  планини во геолошкиот парк Џангје Данкиа, во Кина во 2010 година беа ставени на листата на Светското природно наследство на УНЕСКО. Планините настанале пред неколку милиони години со придвижување на тектонските плочи, а со текот на годините природата создавала неверојатни глетки во бои на виножито.

Погледот на шесте глацијални езера на планината Гокио Ри во Непал (5357 метри) со неверојатна тиркизна боја, во најмала рака, е вонвременско искуство. Се сметаат за највисокиот слатководен систем во светoт.

Чоколадните ридови на островот Бохол се прогласени за национален геолошки споменик. На педесеттина квадратни километри сместени се нешто повеќе од 1.700  ритчиња кои настанале со ерозија на карпите, а се препознатливи по чоколадната боја што ја добиваат за време на сушите.

Планината Келимуту на островот Флорес во Индонезија е од вулканско потекло, а најпозната е по трите кратерски езера кои ја менуваат својата боја во зависност од годишното време, временските услови и составот на минералите. Токму затоа геолозите им припишуваат камелеонски својства, па никогаш не се знае со точност во кој боја ќе се затекнат при разгледувањето.

Се претпоставува дека пештерата Шондонг, која се наоѓа на границата меѓу Виетнам и Лаос, е најголема на светот. Долга е околу 6,5 километри, а висока околу 200 метри. Посетите се дозволени само во присуство на професионален водич, заради опасноста од залутување.

Водопадите на реката Квај Сон, на кинеско-виетнамската граница, кои се познати и како   Детјан или Банзек, се вистинско ремек-дело на природата. Опкружени со бескрајно зеленило и карпи, создаваат појава за паметење.

Вљубениците во геотермални извори задолжително би требало да го посетат јапонскиот остров Хокаидо или попрецизно долината Јигоку  која е дел од националниот парк Шикоцу-Тоја, во близина на градот Ноборибетс, а која изобилува со вакви извори.

 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати