Реките Тополка и Бабуна се вратија во течението, Вардар се закануваше

Петар Печков

Во средата попладне реките Тополка и Бабуна во нивниот долен тек се излеаја  а денес,  четврток  претпладне веќе се  вратија во нивниот тек. Но зад себе оставија за кратко поплавени  бавчи, градини и друга обработилива површина. Има реакции дека се поплавени и  подрумски простории во дел од куќите кои се блиску до реките.

Нема голема штета, Тополка поплави малку од населбата, делот кој е близу реката. Има некој подрум, бавча полни со вода. Се беше за кратко време, реката надојде наеднаш околу пладне и тоа поради големото количество дожд кој падна на планината Јакупица. И Тополка и Бабуна се големи  – вели жител на населбата Превалец.

Слична е сликата и во долниот тек на реката Бабуна, каде се поплавени дел од куќите дивоградби, кои се по течението на заштитениот дел од реката. И тука водата однела дел од бавчите и градините. Надлежните ги алармираа жителите на Велес дека треба да преземат мерки во населбите Шорка и Речани, како и сопствениците на свињарските фарми, да  се заштитат од евентуалното надоаѓање на реката Вардар.  Овој пат, таа не се излеа.

Бевме подготвени, доколку треба да се браниме од реката, но таа овој пат не беше опасност. Нема поплавено ниту една бавча во Велес. Еве на пладне Вардар и опаѓа – вели  бавчованџија од  месноста Речани, која е веднаш до реката.

Надлежните досега не регистрирале  дека има материјална штета  од надојдените  а излеани реки во Велешко.

Високиот водостој на Вардар донесе доста дрвја кои беа заглавени на мостот на  Башино село. Имаше механизација која редовно го расчистуваше. Имаме реакции од жителите на село Ногаевци, дека  на новоизградениот мост има доста дрвја, кои треба да се отстранат, што  е обврска на локалната власт. Нивото на реките Вардар, Бабуна и Тополка во велешко е во опаѓање и тие не претставуваат опасност по населението  – изјави Билјана Симова од Центарот за заштита и спасување  во Велес.

Од локалната власт на општина Градско изјавија дека изнајмената механизација ги исчистила носечките столбови на мостовите.

Надојдениот Вардар донесе наноси од дрвја на мостовите во Ногаевци и Уланци. Со расположливата механизација во општина ги отстранивме а со тоа и опасноста по наивната стабилност – изјави  Жанета Чаушевска, градоначалник на Општина Градско. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати