Прифатена иницијативата за реорганизација на дел од основните училишта во велешко

Петар Печков

Со мнозинство гласови, во Советот на Општина Велес,  помина иницијативата за реорганизација на  дел од основните училишта  во градот.   Со десет гласови за, девет против, еден воздржан и еден  присутен но  без право на глас поради судир на интереси, започна постапката со која Општина Велес предвидува спојување на дел од основните училишта во велешко.   

За да се случи спојување во натамошната постапка Советот треба да донесе Одлука.  Реорганизацијата предвидува спојување на општинските основни училишта „Благој Кирков“ од Велес, „Стојан Бурчевски Буридан” с.Иванковци –Велес кон ООУ„Јордан Хаџи Константинов- Џинот“,Велес кое би добило нов назив ООУ „Панко Брашнаров”, Велес и припојување на ООУ„Рајко Жинзифов”  од Долно Оризари кон едно од основните училишта во Општина Велес, како и згаснување на неколку со мал број ученици во Башино село, Сујаклари и Отовица.

Имајќи ја во предвид фактичката состојба на континуирано опаѓање на бројот на учениците при трите основни училишта, под законскиот минимум од 24 ученика по паралелка, предвиден во Законот за основно образование,како и фактот што учениците од двете основни училишта посетуваат настава во ист инфраструктурен објект постојат реални можности и потреба да се извршат статусни промени во училиштата и образовниот процес да се одвива преку еден правен субјект. Во училиштето во Оризари учат 175 ученика рапределени во 10 паралелки, од што се гледа дека не го исполнува законскиот минимум од 18 паралелки од 1- 9 одделение за Централно училиште. Исто така не го исполнуваат и законскиот за минимум 24 ученика во едно одделение односно бројот на учениците се движи од 12 ученика до 22 ученика во едно одделение, со што се наложува потребата истото да се припои кон друго основно училиште. Ве уверувам дека нема да има отпуштања, никој нема да остане на улица, никој нема да го изгуби работното место. Училиштето во Горно Оризари ќе престане да постои правно, но учениците пак ќе посетуваат настава во него, на Бошначки јазик, нема да им биде скратено ниту едно право. За училиштето во Башино село, Сујаклари ќе разговарам со родителите, како ќе одлучат тие, така нека биде, дали сакаат да учат таму или да патуваат и учат во современи услови во Велес. Потребно е да се отвори дебата за оваа проблематика па потоа да се донесе одлука    - рече градоначалникот Аце Коцевски, предлагач на оваа точка.  

Во анализата подготвена до стручните служби во Општина Велес пишува дека во ООУ „Стојан Бурчевски Буридан” с.Иванковци –Велес, се бележи континуирано опаѓање на бројот на учениците, под законскиот минимум од 24 ученика по паралелка, предвиден во Законот за основно образование, а исто така не го исполнува законскиот услов за минимум две паралелки од одделение, односно минимум 18 паралелки.Постои по една паралелка од секое одделение и бројот на ученици се движи од минимум 4 до максимум 10 деца во едно одделение, односно вкупно 16 паралелки заедно со подрачните училишта, со што се наложува негово припојување кон друго основно училиште со што ќе стане подрачно училиште на ООУ ‘’ЈХК Џинот’’ односно со променет наслов ООУ ‘’Панко Брашнаров’’.

Во подрачното училиште Сујаклари кое е деветогодишно училиште нема доволен број на ученици за формирање на потребниот број паралелки од 1-9 одделение, односно има вкупно 24 ученици од 1-9 одделение кои што се рапределени во 5 паралелки, така што ова  училиште би го изгубило статусот на деветогодишно училиште и во истото би се одржувала само одделенска настава.

Подрачното училиште во Башино село има три паралелки односно вкупно  21 ученик од  прво до петто одделение, каде наставата ја следат во комбинирани паралелки односно второ одделение со четврто одделение и трето одделение со петто одделение. Со цел да се подобри квалитетот на наставата и на учениците да им се обезбеди настава во соодветно одделение со соодветна програма за нивната возраст, потребно е учениците да се преместат во Централното градско училиште во Велес, а превозот до училиштето ќе им биде обезбеден од страна на Општина Велес. 

Слична е состојбата и во подрачното училиште во Отовица, каде што има шест ученика од прво до четврто оделение кои што учат во една паралелка, и каде исто така е потребно учениците да се преместат во централното основно училиште заради подобрување на квалитетот на наставата -пишува во изработената анализа.

Ваквата иницијатива  за опозицијата во велешкиот Совет е неприфатлива. 

 За донесување на една ваква одлука, потребно е да се разгледаат и неколку психо-социјални моменти, се работи за рурална средина, за меѓуетнички односи. Треба мошне внимателно да се пристапи кон припојување.  Од приложената анализа, за училиштата Јордан Хаџи Константинов Џинот и за Благој Кирков, од приложеното може да се види дека последната година бројот на ученици пораснал. Дали ќе има економска заштеда ако се работи во две смени,што е исто како и сега. Ако останат истиот број паралелки како што стои во анализата, како ќе има ефикасност и ефективност за која се залагате   рече советничката Нада Трајкова, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.  

Оваа иницијатива не е крајна одлука, туку отворање на транспарентен процес, кон граѓаните да се согледаат состојбите во одредени училишта. Треба граѓаните да ги слушнат позитивните ефекти и последиците ако ги има од ваквата одлука, ако се донесе.  Морам да кажам дека состојбата во ОУ Рајко Жинзифов немаше да биде таква, без доволен број ученици и паралелки, ако во 2015-та не се дозволеше училиштето од Превалец да се издвои и припои кон ОУ Васил Главинов - кажа советничката на СДСМ Весна Стојанова Богоевска.    

Каролина Попова советничка од ВМРО-ДПМНЕ праша зошто во документот иницијативата никаде не пишува дека  ќе има трибина, разговори за  спојувањето туку  за реорганизацијата ќе се изјасни Министерството за образование. Таа дополни дека анализата не е целосна оти ги нема податоците за бројот на  просветни работници за некои години. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати