Препораки за заштита од високите температури

Петар Печков

Препораки за спречување на штетните ефекти од надворешните високи температури врз здравјето на луѓето, препорачани од страна на Министерството за здравство на РМ, Институтот за јавно здравје на РМ и Центрите за Јавно здравје:

Општи препораки за заштита од топлотен бран

· За време на топлотен бран избегнувајте, колку што е можно, излегување во надворешна средина во периодот од 10:00-17:00часот. Неопходните работи завршувајте ги пред 10:00 часот или после 17:00 часот.

· За време на топлотен бран во периодот од 10:00-17:00часот, да се избегнуваат напорни физички активности, вклучувајќи спорт и рекреативни активности.

· Останете, колку што е можно, во затворени климатизирани простории (обичните вентилатори не помагаат кога температурата е над 35 Ц). Затворете ги прозорците и ролетните во тек на денот, отворете ги навечер кога температурата е пониска.

· При неопходен престој на отворен простор, избегнувајте директна изложеност на сонце, најдете можности за почести одмори под сенка.

· Носете светла и лесна облека (светлите бои, во извесна мера ја одбиваат светлината) од природни ткаенини (памучни, ленени), ставете заштитни очила и капа.· Внесувајте помало количество на храна. Избегнувајте мрсна и високо- калорична храна и храна која содржи поголемо количество шеќер.

· Туширајте се со студена вода повеќе пати во денот (или ставете студени облоги и чувајте ги нозете во студена вода).

· Кога сте во возило, отворете прозорец, за да овозможите вентилација на воздухот. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото.

· Хроничните болни, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, потребно е да бидат многу дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата терапија. За секакви промени на здравствената состојба, задолжително да го консултираат матичниот доктор.

· Пред употреба на свеж зеленчук и овошје, задолжително е нивно миење.

· Термички подготвена храна, да се конзумира веднаш после подготовката. Ако тоа не се направи, подготвената храна да се стави во ладилник на температура до +80Ц, а пред употреба, да се загрее на +100 Ц

· Да се избегнуваат производи кои не се термички обработени (домашен мајонез, сладолед, разни кремови).

· Консултирајте се со својот доктор, доколку почуствувате невообичаени симптоми кои траат подолго време.

· Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или чувство на интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место, колку што е можно побрзо, и измерете ја својата телесна температура. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалок за да се рехидрирате.

· Ако имате болни грчеви во мускулите на нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на постудено место и напијте се течност што содржи електролити. Медицинска помош е потребна ако грчевите траат подолго од еден час.

· Ако некој член од вашето семејство или лице на кое помагате, имтопла и сува кожа или е во бесознание, веднаш повикајте 194! Додека се чека итната медицинска помош, префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете му ги нозете и колковите, отстранете му ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење (студени облози на вратот, пазувите и слабините и постојано прскајте му ја кожата со вода). Мерете му ја телесната температура. Не давајте терапија. Ако лицето е во бесознание, не треба да лежи на грб, туку завртете го во странична положба.

РАНЛИВИ ГРУПИ НА НАСЕЛЕНИЕ ЗА ВРЕМЕ НА ТОПЛОТЕН БРАН СПОРЕД АКЦИОНИОТ ПЛАН ЗА ПРЕВЕНИРАЊЕ НА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ТОПЛОТНИТЕ БРАНОВИ ВРЗ НАСЕЛЕНИЕТО ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Во  Македонија се идентификуваат следните ранливи групи на население:

1. СТАРИ ЛИЦА – стареењето ја намалува толеранцијата на топлината: жедта се манифестира подоцна, доцни механизмот на потење и бројот на потни жлезди е намален. Старите лица често страдаат од дополнителен морбидитет, физички и когнитивни оштетувања и земаат различни лекови.

2. ДОЕНЧИЊА И ДЕЦА ДО 4-годишна возраст се чувствителни на ефектите од високи температури и се зависни од тоа други да ја регулираат нивната околина и пристапот до течности, како и одговорот на промената на температурата.

3. ХРОНИЧНО БОЛНИ, особено оние со ендокрини пореметувања, кардиоваскуларни болести, оние со висок крвен притисок, невролошки и физиолошки нарушувања, хронични белодробни болни, оние со проблеми со црниот дроб и бубрезите.

4. ЛИЦА КОИ ЗЕМААТ ЛЕКОВИ кои ја влошуваат дехидратацијата и исцрпеноста од топлина, диуретици, антиинфламаторни лекови, некои антибиотици (сулфонамиди), некои антивирусни лекови (индинавир), невролептици и антидепресиви, бензодиазепини, амфетамини, аналгетици, бета-блокатори, ACE-инхибитори и др.

5. ЛИЦА СО ЗГОЛЕМЕНА ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА се склони на потешкотии предизвикани од топлотните бранови заради тенденцијата да задржуваат повеќе топлина во телото.

6. ЛИЦА СО ОДРЕДЕНИ ПРОФЕСИИ кои работат во надворешни услови и се повеќе изложени на влијанието на топлотните бранови или лица кои работат на работни места изложени на висока температура и топлинско зрачење.

7. ЛИЦА ЧИЈ СОЦИО-ЕКОНОМСКИ СТАТУС ги прави повеќе ранливи кои поради одредени социјални фактори (професија, социјална изолација, итн.) се ранливи на влијанија на топлото време. Во оваа група се вбројуваат: бездомници, лица кои живеат во супстандардни услови, деца на улица, внатрешно раселени лица, и др.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати