Петар Печков
Објавено: петок, 08 јануари 2021
Присуството на вирусно заболување кај пастрмките во река Бабуна беше причината зошто не се изврши порибување на оваа река, на истекот од мината година. Ова е информацијата од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), откако во средата пред Нова година, Здружението на спортски риболовци „Бабуна “од Велес, објави дека порибени се езерото Младост, реките Тополка и Вардар, но не и реката Бабуна, поради препорака од страна на АХВ.
Заради потврдено присуство на причинителот на болеста инфективна хематопоетска некроза (ИХН) кај пастрмките а со цел спречување на ширењето на болеста и во други одгледувалишта на риби, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде решение со кое нареди спроведување на заштитни и контролни мерки, ограничување на движењето и ставањето во промет на животните од аквакултурата. Сите одгледувалишта каде е потврдено присуството на болеста ИХН кај пастрмките, се прогласени за заразени и се категоризираат во категорија V, со високо ниво на ризик. Болеста инфективна хематопоетска некроза кај пастрмките претставува вирусно заболување, но не е зооноза, односно, не е опасна по здравјето луѓето - соопштија од Агенцијата за храна и ветерина.
Дополнија дека спроведувањето на активностите за порибување на река Бабуна е во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но, поради појавата на оваа болест, Агенцијата за храна и ветеринарство издала препорака порибувањето да не се спроведува. Затоа количините на пастрмка со тежина до 70 грама, што беа предвидени за река Бабуна, ЗСР „Бабуна“ ги пушти во река Тополка.