Од први јули се воведуваат две нови вакцини, против рота вирус и пневмокок

Петар Печков

Од први јули почнува вакцинација на децата со две нови вакцини, за пневмокок и рота вирус, кои Министерството за здравство ги воведува во редовниот Календарот за имунизација. Владата соопшти дека ја прифатила информацијата од Министерството за здравство за воведување на двете нови вакцини.

„Во текот на овој месец до службите за имунизација ќе бидат дистрибуирани вакцините за пневмокок и рота вирус, а родителите од следниот месец кои што сакаат да ги вакцинираат децата ќе можат да го направат тоа“, соопшти владата.

Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, вели дека новите вакцини влегуваат во редовниот Календар за имунизација на населението и дека се воведуваат согласно препораките на Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Таа вели дека вакцините се високо безбедни и квалитетни.

„Вакцините се дел од календарот за имунизација. Вакцината за рота вирус се дава кај бебињата на возраст од два, четири и шест месеци, а пневмококната вакцина кај деца на два, четири и дванаесет месеци. Овие вакцини се добредојдени и им ги препорачуваме на сите родители, бидејќи ги штитат децата од инфекции. Секоја мајка видела што значи рота вирус, кои се исцрпувачки особено кај малите деца, со дијареи, повраќање, и дехидратација, како и инфекции од пневмокок“, вели проф. Грозданова.

Таа објаснува дека овие вакцини со редовниот Календар за имунизација се воведуваат кај новороденчињата, додека за постарите деца се препорачани.

„Со Комитетот за имунизација направивме препораки родителите да ги вакцинираат децата со вакцината за пневмокок на возраст од три и пет години, особено за оние кои планираат да ги пуштат децата во градинка, бидејќи таму се чести овие инфекции. Вакцината за рота вирус не се препорачува за постарите деца, односно таа се дава кај новороденчињата“, вели Грозданова.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати