Невремето од саботата вечер ја поплави населба Превалец (фото)

Петар Печков

Од смрт синоќа  била спасена  осумдесет и три годишната Душанка Иванова од населба Превалец која  во последен момент била извлечена од нејзиниот дом, пред надојдената вода да го поплави првиот кат од семејната куќа.

Драматично било вчера вечер во велешката населба Превалец, кога жителите од две страни биле сардисани од големи води кои ненадејно дошле, од реката Тополка и од поројницата, која доаѓа само во случај на невреме.

Мајка ми е неподвижна, инвалид, живее на долниот кат од куќата. Се се` случи за пет минути и помалку.  Толку требаше водата, која доаѓа само во вакви случаи, кога има поројни дождови, да надојде  од Раштани и носеше се пред себе. Водата беше до гуша во собата, кога ја извлековме мајка ми, едвај во последен момент. Долниот кат е уништен - рече Зоран Иванов, нејзин син. 

Надојдената вода го поткопала мостот од регионалниот пат  Велес - Чашка, кој е во населбата. Куќите кои се покрај реката Тополка се под вода, како и  фудбалското игралиште. Штети има и во поширокиот регион на овој дел од општината.

Има оштетувања на инфраструктурата. Оштетен е новиот асфалтиран пат до Сливник, најголеми се штетите во населбата Превалец, каде меѓу другото  оштетена е фекална канализациона линија. Оштетен е патот за Чашка преку Оризари.  Има голема материјална штета - кажа Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, но и претседател на  Кризниот штаб за заштита и спасување. 

Полни раце работа денес  имале велешките пожарникари.
Интервениравме во шест куќи во Превалец, каде ја испумпувавме водата од домовите. Такви случаи имаше и во Стари Град, во куќа во Велес и во три во Бузалково - соопшти Љупчо Лепидовски, командир на ТППЕ Велес.

На пладне Кризниот штаб имаше вонредна седница и донесе повеќе мерки, со цел да се помогне на населението погодено од невремето. Една од нив е да се известат сите жители и претпријатија кои претрпеле штета од невремето да пријават, со цел Комисијата за проценка на штети навремено да излезе на терен и да ја процени пријавената штета.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати