И велешани дочекаа да видат балет во градот

Петар Печков

Хит претставата „14 часа“ на националниот балет при Македонската опера и балет  од Скопје во петок вечер ќе биде изведена на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

 Како што појасни уметничкиот директор Васил Зафирчев, на велешки театар, тоа е шеесетминутна современа балетска претстава која преку ликовите Лили и Марк, во 12 сцени ќе ги разработи женско-машките односи. 

 Претставата е инспирирана од авторското изведувачко дуо Александра Мијалкова и Васил Чишијашвили, а во неа ќе учествуваат и сите првенци и солисти на Македонската опера и балет.

 Ова е една од најизведуваните претстави на балетот и со неа националниот балет гостуваше во многу земји, во Европа и светот, што е плус да ја видат нашите сограѓани, потенцира Зафирчев.

 Претставата е работена според музиката на Кирил Џајковски, кореографијата и сценографијата е на нашиот светски познат современ играч и кореограф Игор Киров. Режијата и либретото се на Наташа Поплавска, а  костимографијата  е на  Александар Ношпал.

Настапуваат: Александра Мијалкова, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Дафина Данилоска, Васил Чичиашвили (Грузија), Бобан Ковачевски, Игор Веланоски, Јан Кисилев, Агим Бафтии, Гиорги Беридзе (Грузија)

СИНОПСИС : Лили и Марк неочекувано на денот на прославата, 10 години од бракот, се судираат со суштинско преиспитување – наместо чиста љубов, во нив (а и кај другите парови, кои се нивни гости) се појавува недоверба, тага, радост, страст, меланхолија, револт, омраза, љубов, страв. . . И вечната дилема – што е ова што ни се случува?  Зарем сме тоа ние од пред 10 години.

Балетската претстава е  дел од  програма на Општина Велес, а во чест на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, браќата свети Кирил и Методија, воедно е дел и од  манифестацијата „Велес - Град на културата 2015“.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати