Заврши судскиот процес за пожарот на езеро Младост, останува да се објави пресудата

Петар Печков

Со завршните зборови на обвинителството и одбраната во Основен суд Велес, заврши судскиот процес за пожарот на езеро Младост, кој се случи пред шест години. Четири години го работеше судијката Габриела Гајдова, а од лани од февруари го презеде судијата Бојан Донев, кој го приведе до објава на првостепена пресуда. 

Обвинети се  Тасе Илиевски  ( 61 год),  Марјан Ангелов ( 58 год) и фирмата ДТТУ Реал градба за  „Тешки дела против општата сигурност“ и дека делото го сториле со умисла. Пожарот се случи на 26 август 2019 на пладне. Според обвинителката  Анастасија Миланова не биле почитувани Законите,  прописите и техничките правила за заштита при работа.

„Немало препрека, лим за заштита на околината, на местото каде се брусело, лицето кое работело било поставено со лице кон блиската шума, наместо кон тампонираниот дел и со грб кон неа. Не се почитувани Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за градење, Правилникот за безбедност и здравје при работа“ – кажа Миланова.  

Според обвинението огнот се појавил во 11,35 ч. кога второ обвинетиот Ангелов брусел железна арматура искрите ја запалила трева и настанал пожар,  кој се се префрлил преку патот и проширил кон север, кон  езерото, се до село Новачани. 

Обвинетите на почетокот на судењето на 14 јули 2020 година, негираа вина по кривичното дело за кое се товарат.

„Местото каде сечел со брусилицата обвинетиот Марјан е тампонирано, нема сува трева, пред шумата има земјен ѕид од три метри каде нема трева. Местото од каде е користена брусилката, далечината на шумата, висината на земјениот ѕид, не дозволуваат искра да прелета и предизвика пожар. Познато е дека искрите можеле да долетаат до подножјето на земјениот ѕид, никако да го префрлат“ – рече Валентин Зафиров, бранител на прво обвиентиот Тасе Илиевски, како одговорно лице на обвиентата градежна фирма  „Реал градба“.  

Адвокатот Зафиров се повика и на фотографии од НАСА  приложени од нивниот вештак како доказ, дека во критичниот период 26 август 2019 во 12:06 часот на околината на езеро Младост имало девет активни извори на топлина,  што според него можно е да се работи за девет различни и подметнати пожари. 

„Преземени се сите мерки од можни ризици, обвинетото правно лице, согласно Законот за обезбедување заштитни мерки и  во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа. Правното лице не може да биде сторител, бидејќи пожарот не е настанат поради преземено дејствие  од вработено или лице со налог ангажирано од правното лице“ – изјави Цветанка Настова, бранител на обвинетото правно лице „Реал градба“.  

Вина негираше и Петар Ефремов бранителот на второ обвиентиот Марјан Ангелов,кој работел со брусилицата,  и   кажа  искри не можат да долетаат на 7- 8 метри далечина, туку до два метри најдалеку. 

„Искра не може да биде причина за пожар на горниот раб од брегот, не може до таму да долета. Не може да се зборува дела обвинетиот Ангелов го сторил делото со умисла, кога тој заедно со останатите работници цел ден  и ноќ бил на местото и  активно го гаснеле огнот.  Бил изнемоштен од замор, поцрнет и со изгорени раце“ – кажа Ефремов.

Штетата од пожарот пријавена од државен правобранител за подрачје на Велес е 97.262.205 денари   а според вештак на одбраната е 6.348.949 денари. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Оценете го годинашниот јубилеен 20 Меѓународен фолклорен фестивал Велес 2025?

  • 5
  • 4
  • 3
  • 2
  • 1
Резултати