Гран при за Казахстанците, три награди за театар Комедија

Петар Печков

Со прогласување на најдобрите и доделување на наградите,,Антигона,,  на сцената на амфитеатарот во Стоби заврши 13. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.

Според жири комисијата на фестивалот во состав Драган Спасов-Дац претседател и Кети Борисовска и Венко Серафимовски членови, трите од четирите награди на фестивалот за најдобар актер и актерка ги добија членовите од Театарот Комедија од Скопје Жарко Димовски и Нина Деан за улогите во претставата „Многу врева за ништо“ од Вилијам Шекспир, како и за режија на истоименат претстава режисерот Дејан Пројковски. Гран при за најдобра претстава на 13. ИФАД „Стоби“ ја понесе претставата „Медеа“ на Музичкиот и театарски центар Ајгил Иманбаева од Казахстан

Целосна театарска претстава, уметнички чин од највисок ранг кој зборува на универзалниот јазик на емоциите и состојбите, донесен пред публиката преку многу јасна симболика, со уникатна режисерска естетика и актерка, која на сцената создава експлозија од состојби и дејства, кои удираат врз публиката подеднакво силно како и морето од крв врз кое се случува „Медеа“. Татарски настан пар екселанс, претстава со неверојатен внатрешен живот, „Медеа“ во вистинска смисла на значењето, потенцираше Спасов.

Спасов истакна дека наградата на Димовски за улогата на Клаудио му се доделува заради различните амплитуди, преку кои ликот градира и се трансформира со што ја воодушевил публиката.

Токму на таа оска се потенцира талентот на актерот, кој за потребите на претставата преку еден концентриран израз, полн со жива енергија, гради многуслоен херој на сцената. Преку танцот, пеењето и јасниот емоционален израз гледачот добива чувство за ретко комплетен актер од младата генерација актери на македонската театарска сцена, појасни Спасов.

Наградата за најдобра актерка Нина Деан ја доби за изведбата на улогата на Бетриче.

Нина Деан, актер кој со голема точност, енергичност, концентрираност и посветеност, ја носи на сцената улогата на Беатриче. Многуслојноста на ликот, кој Нина Деан на автентичен начин го носи на сцената, од друга страна, мошне јасно остава чувство на восхит со кој гледачот го напушта театарскиот простор, рече Спасов.
За режијата на Пројковски за претставата „Многу врева за ништо“, од жирито посочуваат дека импресионира со својата визија, оригиналниот приод пришто не користи занаетски шаблони.

Во изјавата за медиумите Нина Деан потенцира дека како млада актерка наградата ја чувствува како нешто преголемо за неа и многу и значи.

Станува збор за лик, кој е многу тежок и иако е комедија носи сериозност бидејќи е комплексно напишан. Затоа наградата уште повеќе ми значи, потенцира Деан на која оваа и е втора награда во кариерата, првата е на фестивалот во Суботица со театарот за деца и младинци за Дороти,  во претставата ..Волшебникот  од Оз,,  .
На актерот Димовски, кој досега остварил 23 актерски улоги ова е негова прва актерска награда и затоа, рече, е посебно горд на неа.

Ова е големо признание за мене и затоа што е прво и многу слатко искуство и затоа им посакувам на сите мои колеги да го почувствуваат, потенцира Димовски. Тој по втор пат настапува во Стоби, прв пат пред две години со претставата   ,,Архелаос,, на Владо Цветановски,  Димовски публиката го помни и како Спасе од Македонска Крвава свадба.

Зоран Љутков директорот на фестивалот ИФАД „Стоби“ оцени дека ова е успешно издание на ИФАД „Стоби“, кое е организирано со најскромниот буџет досега од 1,9 милиони денари.  Во чест на наградените, актерите на Велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ја изведоа претставата „Кралот Лир“ во режија на Ѕвезда Ангеловска.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати