Во Центар и на главните сообраќајници сметот ќе се собира по два пати на ден

Петар Печков

На последната седница на Советот на Општина Велес едногласно од сите 23 советника, беше  донесена одлука со која наместо по еднаш и тоа во ноќните часови, сметот ќе се собира два пати од јавните површини на главните улици и сообраќајници во градот. Досегашната  фреквенција на собирање на отпадот не ги даде очекуваните резултати. Контејнерите во централното градско подрачје уште во пладневните часови се преполни со отпад, а кој се собира ноќе, со што се предизвикуваше нагрдување и неуреденост на просторот во урбаната средина.

Во централното градско подрачје работат многу трговски објекти кои имаат лимитирани просторни услови, фреквенцијата на луѓе е голема, количините на отпад се зголемуваат со современиот начин на живеење. Реакциите на граѓаните кои се незадоволни од состојбата се големи особено што отпадот влијае и на здравјето на луѓето, привлекувајќи скитници, глодачи и инсекти кои се пренесувачи на заразни заболувања, заради што оваа состојба е сериозна и неодржлива - пишува во образложението за ново донесената одлука.

Со измената и дополнувањето на Одлуката каде е утврдена зголемена фреквенција на собирање на отпадот, локалните власти  сметаат дека ќе се овозможи растоварување на урбаната средина од отпад и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Собирањето на смет ќе се одвива во терминот од 12 до 14 часот и навечер после 21 часот. По два пати на ден ќе се собира од улиците : 8-ми Септември, Благој Ѓорев, Алексо Демниевски Бауман, Страшо Пинџур, Гоце Делчев, Димитар Влахов,  Архепископ Михаил, Борис Трајковски, кај Симпо.   

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати