Во Велес градинките претесни за да ги примат децата

Петар Печков

Во шесте клона од детските градинки во Велес сместени се  1,2  илјади деца. Тоа  не ги задоволува  потребите  на  родителите, оти  една десетина од оваа бројка на деца чекаат да бидат згрижени во оваа институција.   Од година во година се е поголем бројот на родители кои сакаат нивните деца да   бидат сместени преку ден во детската градинка.

Добрите услови, квалитетното згрижување, потребата од социјализација на децата со други нивни врсници, го зголемува интересот. Ова го потврдува и директорката на  институцијата, која најавува дека веќе се работи да се реши прашањето со зголемениот интерес за сместување.  

Ова е прва година во која имаме листа на чекање и таа е  прилично голема, брои околу 150 деца. Тие  и нивните родители чекаат на нашата услуга. Потребна е да се направи анализа, во кои делови на градот има потреба од доградба на  објектот, за да може да ги примиме сите заинтересирани – изјави директорката Анида Цецева.  

Месечната цена за престој во градинките е 1,5 илјади денари, која за родителите е популарна и  пристапна, што    го зголемува интересот децата да бидат згрижени во градинките во Велес. Во решавање на овој проблем е вклучена и локалната  власт.

Таму каде има потреба од доградба или градба  на нов  објект, веднаш ќе преминеме на промена  на  ДУП.  Во надлежното Министерство за труд и социјална политика има расположение за еден ваков проект и наредниот  период тоа ќе го искористиме, да го решиме прашањето за сместување на сите заинтересирани родители  за  нивните   деца – најави градоначалникот Славчо Чадиев.  

Моментално на  зградите од Детските градинки во Велс, се врши поставување на термо  изолациона фасада, а претходно  е сменета дограмата со ПВЦ прозори. Се заменуваат и електричните светилки  со штедливи.  Останува уште  да се изврши термо  изолација  на таваните и подовите. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати