Алпинисти со пајсер и чекан ги кршат карпите од Цуцка и го санираат одронот (фото)

Петар Печков

Четири млади момчиња, еден месец секојдневно се искачуваат на  карпата Цуцка на излезот од Велес и ги рушат камењата и поголемите карпи. Врзани со јажиња, како за алпинистичка експедиција, тие ја реализираат втората фаза од санацијата на одронот, кој се случи 13-ти март 2018-та година. 

Изведувачите на оваа специфична работа доаѓаат од Неготино, Кочани, Скопје и  Демир Капија и тие се дел од хрватска фирма „Октопуси“ кој како подизведувач ја доби оваа задача.  

Наша обврска е да ги кршиме камењата кои што можат рачно да се отстранат од ова карпа. Отстрануваме нестабилни делови од карпите. Работиме со пајсер, чекан, секаков алат со кој се отстрануваат опасните делови - вели Игор Сакалиев.

Тие работат обезбедени со појас и јаже  Досега зад себе имаат  искуство од три години работа, нешто во Македонија, нешто во Хрватска.  На прашањето дали чувствуваат страв кога од карпата која проценуваат дека е висока 80 метри, ќе погледнат удолу, низ смеа велат категорично „не“.

Дополнително објаснуваат дека низ карпите и каменот друштво им прават змиите. Други животни немало, немало птици, немало вегетација, дрва, оти треба и нив да ги сечат. Ова е втора фаза од санација на одронот од Цуцка, а работите ги доби „Стентон градба“. Заради заштита од камењата кои пашаат од карпата, делницата од стотина метри е послана со земја,за да се заштити асфалтот. 

Се работи на кавење, отстранување на каменот и карпи, кои што може рачно да се елиминираат. Откако тоа ќе се заврши ќе следи третата  фаза а тоа е поставување мрежи и торкетирање, па  поставување на габиони за трајно стабилизирање на карпата. Во првата фаза се изгради потпорниот ѕид помеѓу пругата и коловозот -    изјави Блажо Петров градежен инженер во изведувачот „Стентон градба“. 

Во периодот од 8 до 16 ч., додека се изведуваат работите,по потреба  се исклучува струјата на железничката пруга и во тој период, не се одвива железничкиот сообраќај на делницата Велес - Гевгелија- Солун.  Инвеститор на работите е ЈП за државни патишта,  кое најави дека вкупните предвидени зафати треба да чинат 62,4 милиони  денари  а рок на изведба е до средината на октомври.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати